Советничката Мирјана Стеваноска ја напушти коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Прилеп и од денес ќе дејствува како независна советничка, со што преминува во опозиција.
Стеваноска, досега советничка од редовите на ЗНАМ, соопшти дека одлуката ја донела поради, како што рече, „политичка дисциплина и молчење“ наместо аргументирана дебата и работа во интерес на граѓаните.
„Советникот не треба да биде декор во политички театар, туку активен и принципиелен глас на граѓаните“, изјави Стеваноска, обвинувајќи дека личните и теснопартиските интереси се ставаат пред интересите на Прилеп.
Таа порача дека нема да поднесе оставка на советничката функција, и покрај можните барања од партијата.
„Нема да дозволам на моето место да дојде политички послушник кој немо ќе ги следи седниците“, рече Стеваноска.
Со нејзиното заминување, владејачкото мнозинство во Советот на Општина Прилеп останува без уште еден советнички глас.
Д. Е.






