БЕЛГРАД – Компанијата Адриа Њуз Нетворк (ANN), во чиј состав работи регионалната телевизија N1, соопшти дека продолжува со работа како и досега, задржувајќи ги постоечките уреднички структури и стандарди. Со ова соопштение, компанијата реагира на медиумските известувања за потенцијална продажба на нивниот бизнис, притоа експлицитно одбивајќи да ги коментира таквите наводи, пренесува N1.
Ставот на ANN и чекањето на Управниот одбор
Во официјалното известување се нагласува дека политиката на ANN е да не коментира никакви пазарни шпекулации, разговори меѓу акционерите или потенцијални трансакции сè додека не биде објавена официјална потврда за тоа. Дополнително, од компанијата прецизираат дека за какво било склучување договор е неопходно одобрение од Управниот одбор на „United Group“, а овој одбор сè уште нема заседавано по однос на ова прашање.
Наводите на порталот „Raskrikavanje“
Целата ситуација се актуализираше по објавата на истражувачкиот портал „Raskrikavanje“, кој тврди дека имал увид во финалната, сè уште непотпишана верзија на договорот за продажба. Според нивното пишување, компанијата „United Group“ планира да го продаде својот медиумски бизнис во регионот, вклучувајќи ги Н1, Нова С и медиумите во Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина, за сума од само 30 милиони евра.
Врските на луксембуршкиот фонд со Португалија
Иако како официјален купувач се води фондот „European Future Media Investments“ (EFMI) регистриран во Луксембург, порталот наведува дека деталите од договорот, како што се адресите за известување, јасно укажуваат на португалската инвестициска група „Alpac Capital“. Како главни контакт лица во документите се наведени Педро Варгас Давид и Афонсо Гера.
Оваа информација предизвикува огромно внимание бидејќи португалскиот фонд претходно го презеде и европскиот информативен канал Еуроњуз. Дополнително, во медиумските истражувања Педро Варгас Давид често се поврзува со политичкиот врв во Унгарија, бидејќи неговиот татко е поранешен политичар и долгогодишен соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Ј. Ѓ.












































































































