Група граѓански организации упатија остар апел до пратениците во Собранието да не ги гласаат предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, со кои, како што велат, се бришат невладините организации, националните инвалидски организации и Црвениот крст како субјекти кои можат да добиваат средства за работа со ранливи категории.
Реакцијата е потпишана од Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост, Македонската платформа против сиромаштија и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Според нив, ова не е само техничка измена, туку сериозен преседан со долгорочни последици за граѓанското општество и демократијата во државата.
„Со предложените измени се отвора ризик средствата наменети за ранливи категории да се распределуваат без јасни, транспарентни и отчетни критериуми, без гаранција дека ќе стигнат до организациите кои имаат искуство, стручност, лиценцирани услуги и директна работа со граѓаните“, се наведува во заедничкото соопштение.
Организациите посочуваат дека доколку има слабости во досегашниот систем на распределба на парите, решението не е бришење на граѓанскиот сектор од законот, туку воспоставување на потранспарентен систем преку јавни повици, јасни критериуми и редовен мониторинг.
Поради тоа, граѓанскиот сектор испорача неколку конкретни барања до пратениците:
Да не ги поддржат предложените измени во оваа форма.
Да побараат повлекување или измена на текстот, за овие организации да останат препознаени во законот.
Да се организира јавна расправа и консултации со релевантните чинители.
Да се воспостави транспарентен и отчетен механизам за распределба на средствата.
Бришењето на граѓанскиот сектор од законите е опасен сигнал кој го стеснува просторот за граѓанско дејствување и ја оддалечува земјата од европскиот пат, предупредуваат потписниците на реакцијата. Тие ги повикаа народните избраници да не го гледаат ова како партиско прашање, туку да застанат на страната на јавниот интерес и да ја заштитат демократијата.





































































































