Јадро – Асоцијација, во партнерство со Институтот за медиуми и аналитика ИМА, започна со реализација на проектот „Креативна работа, јавна вредност: Застапување за праведни политики во независниот културен сектор“ (Creative Work, Public Value: Advocacy for Fair Policies in the Independent Cultural Sector). Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за развој“, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Планираните проектни активности, кои ќе започнат во текот на овој месец и ќе траат до средината на 2028 година, ќе бидат фокусирани на зајакнување на одржливоста, видливоста и демократската улога на независната културна сцена во Северна Македонија. Преку координирани активности на работни групи, истражувања и соработки со институции и со публиката во Скопје, како и преку децентрализирани настани во неколку општини низ државата, Јадро – Асоцијација во партнерство со ИМА ќе работи на поттикнување на модели на соработка, зајакнување на дијалогот со институциите и развој на културните простори со цел создавање долготрајни рамки на одржливост како и подемократски, поинклузивен и поотпорен културен екосистем.










































































































