Ретко албино биволче, кое стана вистинска интернет сензација поради својата неверојатна сличност со американскиот претседател, е спасено од ритуално жртвување за исламскиот празник Курбан Бајрам во Бангладеш, пренесува американската телевизиска мрежа NBC.
Со својот препознатлив русокос прамен префрлен настрана и огромната популарност на социјалните мрежи, биволот го добил името „Доналд Трамп“. Иако првично бил планиран за жртвување за време на празникот во оваа јужноазиска земја со мнозинско муслиманско население, властите интервенирале по неговата неочекувана вирална слава.
„Тоа е само симболично име и му го дадовме од милост и симпатија“, изјави Зијаудин Мридха, фармер кој го купил биволот тежок околу 680 килограми пред неколку месеци.
„Мојот помал брат му го даде ова име поради косата“, изјави Мридха. „Стана вирален и многу луѓе дојдоа да го видат“.
Огромни толпи луѓе се собрале на фармата на Мридха во градот Нарајанганџ, во близина на главниот град Дака, само за да го видат животното. Според сопственикот, биволот е невообичаено мирен и бара постојана грижа, вклучувајќи редовно бањање и често хранење.
Министерот за внатрешни работи на Бангладеш, Салахудин Ахмед, наредил биволот да биде поштеден. На купувачот ќе му бидат вратени парите, а животното ќе биде безбедно преместено во националната зоолошка градина во Дака.
„Во последен момент беше донесена одлука биволот да се поштеди од жртвување поради безбедносни причини и невообичаено големиот јавен интерес“, изјави претставник на министерството.
Како што потсетува NBC, ова не е првпат луѓето да препознаат сличност со Трамп кај други видови животни. Меѓу претходните „двојници“ се вбројуваат златен фазан во Кина и специфичен вид риба (frogfish) во Англија.
Редакција Фронтлајн






