Денеска почнува 25-то издание на познатиот музички фестивал ОФФест во Скопје. Јубилејното фестивалско издание ќе биде свечено отворено во објектот на Националната опера и балет (НОБ), со почеток во 20:00 часот.
Првата фестивалска вечер носи исклучително атрактивна и ритмична програма од африканскиот континент. Пред скопската публика премиерно ќе настапат извонредните „Guitari Baro“ кои доаѓаат од Мали, како и енергичниот состав „BCUC“ (Bantu Continua Uhuru Consciousness) од Јужна Африка.
Во следните денови ќе настапат норвешкиот виолинист Нилс Окланд, македонскиот дует „Добрила и Доријан“, Раул Рефри и Марија Мазота, како и африканската женска група „Лес Амазон д’Африк“, која преку музиката испраќа пораки за родова еднаквост и борба против насилството врз жените.
Завршната фестивалска вечер во Младинскиот културен центар ќе биде резервирана за африкански звуци со настапите на музичарот Мачуме Занго од Мозамбик и танзанискиот состав „Завосе Квинс“.
Во рамки на придружната програма ќе биде прикажан и музичкиот документарен филм „Елис и Том – Тоа мораше да бидеш ти“, посветен на едно од најзначајните изданија во историјата на бразилската музика.
Покровител на фестивалот е Министерството за култура и туризам, кое годинава го поддржа ОФФест со 2,4 милиони денари, а визуелниот идентитет и на ова издание го потпишува уметникот Зоран Кардула.
Организаторите од Скопскиот џез фестивал најавуваат незаборавно концертно доживување, а сите дополнителни детали за комплетната програма, распоредот на останатите концертни денови и артистите, заинтересираните граѓани и посетители можат во целост да ги најдат на официјалната веб-страница на фестивалот (www.offest.com.mk).







