– Ќе продолжиме по трнливиот пат по кој тргнавме во 2019 година, бидејќи корупцијата стана начин на живеење, таа е навлезена во сите пори во општеството, истакна Билјана Ивановска од ДКСК на конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2021“.
„Основен чекор што треба да се направи во борбата против корупцијата е борбата на личноста со самиот себе, интергритетот на една личност и професионално постапување може да направи прогрес. Се додека имаме некаков личен интерес, можеби и партиски, тој пат е зацементиран.
Треба да порасне нивото на свеста на граѓаните дека на никој ништо не должат“, истакна таа.
Ивановска вели дека започнале да отвараат предмети за непрофесионалните вработување, бидејќи токму таквите вработувања ќе направат да тоне државата.
„На потег е Владата и Собранието да донесат закон, мора да се направат законски измени.
Укажувавме дека треба да се искорени поставувањето на директори кои се продолжена рака на партијата. Укажавме на судир на интереси за Куштрим Рамадани, кој се вработи во МЕПСО, но имаме впечаток како мислењето на ДКСК да не се почитува во целост од институциите, иако Европската Комисија во својот извештај посочи дека треба да се почитува нашето мислење.
Ние поднесовме иницијативи за разрешување на некои директори до Владата.
ДКСК во следната година има три предизвици, а тоа се автоматска обработка на податоците преку посебен софтвер. Потребно ни е доекипирање, веќе имаме согласност од Министерството за финансии да вработиме 8 лица, а ние им побаравме 16.
Од владата побаравме соодветни просторни услови, меѓутоа добивме одговор дека во овој момент поради пандемијата нема услови за тоа, и решивме да се направи реконструкција на овој простор каде што сме сега, меѓутоа во меѓувреме државата најде пари да го купи просторот што беше предвиден за нас, и се чувствуваме како изиграни“, нагласи Ивановска.
Првата антикорупционерка истакна дека заедно со јавноста, медиумите, невладините кои се нивни сојузници ќе може да се застане во борбата против корупцијата.