Почетокот на расчистувањето на депонијата во Визбегово, на површина од околу 10 хектари од која ќе бидат подигнати 50.000 кубни метри комунален смет и шут и се планира да се израмни и да се заштити подрачјето и да прерасне во зелена оаза, како што вели градоначалникот на Скопје Шилегов, наиде на позитивни реакции кај граѓаните.
„Е, ова е веќе нешто различно. Знаете за оние проблеми во локалните заедници, чие решавање задолжително е во ветувањата на СИТЕ кандидати на СЕКОИ локални избори?? Во Визбегово, расчистувањето на дивата депонија на границата со Шуто Оризари која се состои од над 50.000 м3 повеќедецениски шут – секогаш било во првите три такви проблеми (најчесто +асфалт и канализација). Браво за Петре Шилегов, Велимир Смилевски, Курто Дудуш и останатите за овој потфат! И една напомена дека расчистувањето без понатамошно одржување нема вистински да го реши проблемот. Затоа, со големо задоволство ја добив веста дека на оваа локација се планира парк, нешто што никогаш не очекував дека би видел на местото на грдите купишта ѓубре. Едвај чекам.“, објави на Фејсбук активистот и поранешниот пратеник, Павле Богоевски.
Проблемот со депонијата во Визбегово постои повеќе децении и директно влијае врз квалитетот на воздухот, зашто депонијата често беше предмет или на самозапалување или пак ја палеа несовесни граѓани.
„Акција е доволен доказ дека извонредната соработка меѓу локалната и централната власт може да резултира со конечно решавање на ваквите проблеми. Голема благодарност до Владата, а особено до министерот за животна средина за неговиот личен ангажман за одвоените средства од страна на Министерството за животна средина за да може да ја реализираме оваа акција.“, рече градоначалникот Шилегов.
Ј. Ѓ.