“Денеска се навршуваат 100 години од смртта на Марко Цепенков, собирачот и чуварот на македонската колективна меморија испеана и запишана во неисцрпното народно творештво.
Цепенков запишал повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2.900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал составен од речнички податоци, описи на занаети, обичаи, обреди.Засекогаш незаборавна ќе остане неговата интерпретација на приказната „Силјан Штркот“, како и неговото драмско дело „Црне Војвода“ што го прави Цепенков и бележит прозаист.
Неговото собирачко дело е од непроценливо значење за македонската фолклористика, етнографијата, лингвистиката и за нашата национална историја.” – напиша на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.