Сè се сведува на осуда. Се нема време за сериозен разговор, за отворање сензитивни теми, за соочувања со реалноста. Априори – курва, априори – монструм. Ова е предмет на образованието, зашто родителите се веќе таму кај што се и тоа тешко се менува, пишува актерката и професорка Синоличка Трпкова на својот Фејсбук профил.
„Не мислам на образование, каде фемизнизмот ќе се афирмира како движење, и ќе се учат на памет пароли и дефиниции, и ќе се мрази мажот, туку на образование каде ќе се создава атмосфера за разговор, разбирање и доверба меѓу децата.
Образование кое ќе даде одговор на тоа зошто сме такви кави сме и како да се справиме со реалноста, со сите убави и грозни работи во неа. Знаењето и разбирањето на светот, носат разумност, храброст, свесност. Кога ги разбираме работите и ја знаеме причината за нивното случување, ќе ги знаеме и последиците од нашите постапки.
Се’ друго е навивање на фудбалски терен или копи-пеист на странски образовни програми, кои без да најдат плодно тло кај нас, нема да дадат резултат. Затоа – да се биде учител е најтешката, најодговорната, но не доволно ценета/платена професија, не само овде, туку и во многу други развиени земји. Тој што се решава да се бави со оваа професија, го сади семето на иднината и е решен да го понесе теретот и на општеството и на родителите, свесно и доброволно“, пишува Трпкова.