Печките на дрва во сите занимални во клонот „Пчелка “ во центарот на Штип се заменуваат со нов систем за греење на пелети. Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Софка Атанасова на денешната прес- конференција информира дека оваа инвестиција доаѓа од рудникот „Бучим“-Радовиш, а дел од парите се и од нивниот буџет, пренесе МИА.
-Од отварањето па до денес оваа градинка се загрева со печки на дрва. Целата инвестиција чини 529.000 денари, вели Атанасова.
Рудникот „Бучим“ донираше вкупно 369.000 денари за нов систем за греење во овој објект, а во кој се згрижени 80 дечиња. Со поставување на парното се решава проблемот со загревање на целата зграда, којашто е под заштита на државата.
Овој објект е историска знаменитост и како градинка не можеме многу да инвестираме во нејзината обнова, укажува Атанасова.
Таа информираше дека Министерството за труд и социјална политика овој објект го има ставено во Програмата во 2020 година, за негова реконструкција и обезбедување на комплетно нов инвентар за сите занимални. Клонот, кој е во рамките на градинката „Вера Циривири-Трена“, е во централното градско подрачје и се наоѓа во непосредна близина на штипската гимназија.