Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во Берлин имаше средба со пратеникот во германскиот Бундестаг, Кристиан Петри од втората по големина политичка групација – партијата СПД.
„Нова, охрабрувачка порака денеска ми пренесе Кристиан Петри, дека и пратеничката група на неговата партија, СПД, која е и втора по број на пратенички места, вчера со огромно мнозинство донеле одлука со која ќе гласаат за донесување на одлуката за почеток на преговорите на земјата со ЕУ,“ истакна вицепремиерот Бујар Османи, кој престојува во работна посета на Берлин.
На средбата, Османи и Петри разговарале за поддршката за одлуката за старт на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија, за која на утрешната седница на Бундестагот ќе се донесе конечна одлука.
Османи во Берлин ќе присуствува на седницата на Бундестагот и во живо ќе ја следи расправата и гласањето за одлуката за старт на преговорите на Македонија на Самитот на ЕУ во октомври. Домаќин на Вицепремиерот Османи за време на посетата на Берлин ќе биде Претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле.
Извор: МИА/Влада на РСМ