„Секојпат сме биле инклузивни и отворени и немаме проблеми така да продолжиме. Работите се решаваат низ дијалог и убаво е секогаш да градиме консензус таму каде што е возможно, но уште еднаш ќе речам – 20 години Северна македонија нема попис. Работиме тука во Владата, во Општините, сите јавни државни и локални претпријатија, сите приватни фирми па дури и целиот наш народ во магла, во матно не ги знаеме бројките. Не знаеме кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и каде тоа дава сериозни индиции за максимилизација на економскиот развој на државата. Пописот е статистичка операција и таа мора да ја направиме и наша должност е да ја направиме“, одговори премиерот Заев на денешната прес-конференција, на прашањето дали постои можност за одложување на пописот.
Тој нагласи дека Пописот ќе се одржи од први до дваесет и први април како што е предвидено.
„Во лето никаде не се прави попис. Во септември е кампањата за Локалните избори, во октомври се изборите. До кога да одложуваме, до мај? Што ќе смени тоа? Треба да се фокусираме сите и одговорно да го завршиме пописот.“, рече Заев.
Премиерот потенцира дека пописот е граѓанска обврска на сите граѓани, јасно утврдена со закон и како обврска и како право.
– Ако сме држава треба државнички и да се однесуваме и да ги оставиме државните постулати. Пописот е насушна потреба во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија, заврши Заев.
Ј. Ѓ.