Димитар Апасиев не престанува со вулгарните навреди и говор на омраза упатени кон неговите политички неистомисленици. Овој пат на мета е градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Апасиев денеска од неговиот Фејсбук профил упати навреди кон Шилегов нарекувајќи го „Шилеџе“, „ненормален“, „непрокопсана пијандура и несреќа скопска“.
Ваквата објава која изобилува со експлицитен говор на омраза и навреди кон Шилегов, во моментов на пишување на текстот има повеќе од 2.500 импресии и 53 споделувања.
Пред некој ден поради непрописно паркирање, Пајак службата на Град Скопје му го подигнала возилото на Димче Апасиев, а тој упатил клевети кон градските служби обвунувајќи ги „Скопската пајак служба работи во спрега со урбаната мафија“
Град Скопје со индигнација ги отфрла клеветите од Апасиев, истакнувајќи дека законите важат подеднакво за сите, потенцирајќи поткрепено со фотографија од лице место на настанот, дека пратеникот паркирал на улица блокирајќи го протокот на сообраќај.
„Пратеникот паркирал автомобил на улица блокирајќи го протокот на сообраќај и непрописно паркираниот автомобил бил отстранет од службите. Градскиот паркинг постојано добива пријави од граѓани за блокирани тротоари и коловози и постапува по пријавите во согласност со законот.“, стои во соопштението од Град Скопје
– За службите на Град Скопје законите важат подеднакво за сите, па и за несовесните пратеници кои ги прекршуваат забраните за паркирање на автомобили на коловоз., се вели во реакцијата од Град Скопје.
Ј. Ѓорѓиоски