„Република Северна Македонија беше првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна станавме и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја добивме и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. И, еве нè 16 години подоцна се уште сме во чекалната на ЕУ.“, рече премиерот Заев во излагањето на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“.
Заев нагласи дека пред 4 години ги отворивме најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и истите ги затворивме во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред.
Тој додаде дека изминативе година и половина поминавме нов процес кој ја редефинираше методологијата за преговарање но и се исправивме пред нови непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат камен за сопнување на просперитетот на Северна Македонија.
Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик, рече Заев.
„Мојата земја била, е, и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома. За жал овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување на визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот.“, потенцира премиерот Зоран Заев во излагањето на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3.
Ј. Ѓ.