Агенцијата за филм на Република Северна Македонија во насока на транспарентност на средствата реализирани од годишниот буџет, почнувајќи од 2019 година издава публикација наречена „Факти и бројки“.
Од Агенцијата истакнуваат дека во публикацијата „Факти и бројки 2020“ детално се впишани средствата со кои се финансирале филмски и други проекти од национален интерес финансирани по конкурси објавени од страна на Агенцијата за филм, реализирани средства за активности за развој на филмската дејност и меѓународната промоција на македонското творештво.
„Вкупниот скратен буџет на Агенцијата за филм за 2020 изнесува 161.869.732,00 денари од кои 10% отпаѓаат на плати, надоместоци, даноци и за останати оперативни расходи за одржување на институцијата, а 90 % се наменети за македонскиот филм.
За проектите за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм (национални филмови и мнозински ко-продукции, малцински ко-продукции) потрошени се 112.578.215 денари.
За други проекти од национален интерес: членарини во меѓународни организации, меѓународна промоција на македонското творештво и унапредување на филмската дејност потрошени се 27.120.504 денари.
За правни лица кои се здобиле со право на поврат на средства потрошени се 6.280.140 денари.“, се наведува во соопштението.
„Агенцијата за филм и понатаму ќе остане транспарентна пред јавноста, „Факти и бројки“ ќе остане практика и во иднина” – изјави директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски
Публикацијата е објавена на веб страната на Агенцијата за филм.







