Претседателот на Владата, Зоран Заев на маргините на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО во Лондон, оствари средби со премиерите на Канада и Шпанија, Џастин Трудо и Педро Санчез и со германската канцеларка Ангела Меркел.
Како што соопшти владината Прес-служба, лидерите на овие земји сојузници на Северна Македонија на средбите изразиле целосна поддршка и признание за историските исчекори кои ги направи државава и уверување дека нивната поддршка за граѓаните на нашата земја ќе продолжи и ќе се зајакне во иднина.
Премиерот Заев, на својот фејсбук профил објави и заеднички фотографии со претседателот на САД, Доналд Трамп и со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
– Македонската иднина е гарантирана со вакви сојузници. Безбедни, сигурни и стабилни учествуваме во сите глобални и демократски процеси кои светот го движат напред. Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО, тоа носи просперитет и сигурна иднина за сите наши граѓани, за сите наши деца, напиша Заев на фејсбук.
Заев на Самитот на НАТО во Лондон ја предводи владината делегација во чиј состав се и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.