Во случајот со директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, работите не се такви како што може да изгледаат на прв поглед. Ако решавањето на проблемот со рамковните вработени е дел од владината програма, ако за тоа има одлука на Владата, дали функционерите именувани од неа може да не ја почитуваат. Без оглед дали таа им се допаѓа или не.
Можеби реакцијата на Заев беше премногу емотивна кога најави разрешување на Пауновски, но тој е свесен доколку уште пет-шест-седум директори тргнат по тој пат, работите веќе нема да можат да функционираат. Премиерот ќе ги загуби лостовите на моќта, а коалицијата ќе почне да се крши. Тоа е повеќе прашање на функционирањето на кабинетот отколку професионалноста на рамковните.
Независноста на директорите е една, а функционирањето на системот друга работа. Ова е сериозен предизвик за Зоран Заев и тој треба да ги најде најелегантни начини за решение, па макар тоа било и разрешување. Многумина мислат дека случајот со Стојко Пауновски е дел од внатрешни превирања во СДСМ. Можеби е така, но кој би можел да тврди со сигурност.
Љупчо Поповски во текстот „Патот на Зоран Заев“, Дојче Веле.