Градоначалникот Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку својот фејсбук профил ширеше невистинити информации за начинот и висината на цената на набавката на противпожарната скала, профил кој беше посочен од страна на ЕУ како извор на лажни вести.
– Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – истакна градоначалникот Шилегов.
За потсетување, ова е прв пат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од 5 ката, нешто што досега беше невозможно поради немање соодветна опрема. По 27 години, оваа градска администрација инвестира во опремата за хероите на Градот, а и во безбедноста на сите граѓани на Скопје.
Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше 6 месеци и чија вредност изнесуваше 1,7 милиони евра со ДДВ.