пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Бранко Црвенковски е СДСМовска икона. Харизматичен лидер којшто беше и ќе остане исклучително значаен и нераскинлив дел од историјата на партијата. Без оглед на двете грешки што ги направи за сите овие години откако ја напушти лидерската позиција во 2013 година.
Првата грешка му беше кога ја даде онаа „несреќна“ изјава: „Ниту јас, ниту Заев сме добро решение за лидер на СДСМ!“
Велам „несреќна“ затоа што тогаш не се бираше лидер на СДСМ. Тоа беа моменти кога се бираше ЗА или ПРОТИВ Зоран Заев. Тогаш требаше или да му се даде поддршка на Заев, или да се креира нова партиска криза.
Втората грешка му беше пред шест месеци кога изјави дека го замрзнува членството во СДСМ. Тоа беа моменти кога Заев беше изложен на линч од голем дел од јавноста заради еден негов контроверзен исказ даден во интервју за бугарската агенција БГНЕС. Со „замрзнувањето“ Бранко се обиде да му направи штета на Заев и со тоа да си ја подзалечи ранетата суета.
И покрај овие две црни дамки, Бранко Црвенковски ќе остане запаметен како најхаризматичен лидер на некоја политичка партија во Македонија. Бранко ќе остане сдсмовска легенда. Или да бидам попрецизен, може да остане легенда.
Сè зависи од тоа дали ќе му се случи трета грешка. Не мислам овде на формирање нова „социјалдемократска“ партија, затоа што сум сигурен дека тоа нема да се случи. Третата грешка би му била доколку не излезе веднаш во јавност со изјава со којашто ќе ги негира сите приказни што деновиве се шират во јавноста, а коишто се поврзани со неговото име.
Ако Бранко го направи тоа и ги демантира шпекулациите, сигурен сум дека многумина ќе му простат за неговите претходни две грешки. Ова е негова шанса да се рехабилитира.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.