МВР успеа да ја препознае и идентификува важноста на развојот на капацитетите во областа на човечките ресурси и нивното успешно менаџирање. Во периодот што претстои, планирано е развивање и примена на транспарентни и непристрасни постапки во процесот на вработување и унапредување на вработените преку развивање на еден современ Мерит систем или систем на вработување и унапредување по заслуги.
Исто така вниманието ќе биде посветено на планирањето на персоналот, објективната селекција и проценката на резултатите од работата како и компетенциите на вработените, спроведување на обуки насочени кон соодветна контрибуција на работниците во зајакнување на интегритетот на полицијата, превенирање одлив на кадар, како и развивање на вештините на лидерството.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за Стратегијата за управување со човечките ресурси за период од 2020-2022, која е една од четирите документи промовирани денеска во Скопје изработени од работни групи составени од Министерство за внатрешни работи, МПС и Мисијата на ОБСЕ чија цел е пофункционално и подобро работење, што ќе донесе подобри резултати во интерес на граѓаните. Дел од Проектот се и стратегии во областа на дисциплинските постапки и вклучувањето и комуникацијата со заедницата, како и развој на Центарот за обука.
Според Спасовски, Стратегијата за управување со човечките ресурси е стратегиски документ фокусиран на современ третман на човечките ресурси во Министерството, развиен во согласност со приоритетните реформи во МВР и современите тенденции во нивниот третман во развиените земји.
Во овој контекст, свој придонес, додаде, ќе даде и Стратегијата за развој на Центарот за обука за периодот 2020-2022 година, кој треба да ја постигне целта да испорачува современа, квалитетна и ефективна едукација и обука на сите вработени во МВР. Визијата е тој да стане клучен носител на системот на сите обуки во МВР, препознаен како регионален центар комплетно екипиран со сертификувани обучувачи, опремен и дигитализиран, со најмодерни услови за обука, а ќе ги развива следниве вредности: професионализам, интегритет, посветеност, континуираност на учење и развој и успешност.
Со ревидирањето, пак, на дисциплинските процедури во Министерството, целта е, рече Спасовски, да се воспостави правичен, конзистентен, предвидлив и единствен дисциплински систем и да се даде силна порака до заедницата дека несоодветните полициски активности, ќе бидат соодветно истражени, во разумен временски период, со цел коригирање на однесувањето на работниците кое е спротивно на вредностите и заложбите на Министерството за внатрешни работи.
-Постојниот систем на дисциплински постапки во МВР има потреба од одредени подобрувања кои ќе бидат надминати со сетот на препораки предложени од работната група кои се во насока на решавање на несоодветното однесување на работниците во Министерството преку поправичен, поеднообразен, навремен, потранспарентен и поефикасен начин, ќе се промовираат нови аспекти во областа на дисциплинските постапки од страна на Министерството кое ќе биде прва институција во регионот со ваков вид механизми за ефикасно подобрување на однесувањето на работниците, што секако ќе има позитивен ефект за работниците и за угледот на Министерството, воопшто, потенцира Спасовски изразувајќи благодарност до ОБСЕ за целокупната помош околу реализацијата на овој проект.
Со проектот изработена е и стратегија за вклучување и комуникација со заедницата за периодот 2020-2022 година претставува прв обид да се подигнат на повисоко, стратегиско ниво, досегашните проекти и практики за соработка на полицијата и граѓаните.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која изрази задоволството од отвореноста на МВР за соработка и подобрување на работењето.
-Ние сме подготвени да ја продолжиме нашата поддршка за напорите на Министерството со цел зајакнување на службата за спроведување на законот преку имплементирање на овие стратешки документи. Особено сум горд на нашите вработени кои придонесоа со својата стручност и искуство, што ја покажува додадената вредност на Мисијата за поддршка на Министерството за внатрешни работи директно, како и за целокупните процеси на реформи во земјата, рече амбасадорот Која.
Стратегиите се плод на едногодшина интензивна работа, а согласно планот за реализирање на Проектот, од наредната година ќе се започне со практична имплементација на мерките предвидени во Акциските планови.