„Не може никој да ме убеди дека Претседател или премиер не може да ги испрати спортистите на Европско првенство. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе, но видовме дека можело и тоа да се забрани, мислам дека не даваме добра слика во јавноста“ рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Поранешниот македонски ракометен репрезентативец кажа дека не ја разбира одлуката на ФФМ и претседателот Сејдини да им се забрани на Претседателот и премиерот да ги испратат македонските фудбалери пред да отпатуваат на Европското првенство. „Тој балон систем што го споменуваат не вели дека фудбалерите не смеат да се видат со Претседателот и премиерот за да им посакаат среќа. Ова не е во ред и се надевам дека ќе се најде решение првите луѓе во државата да ги испратат овие херои, спортистите се амбасадори на Македонија“ кажа Мојсоски.
Тој го потврди тоа што го кажа и премиерот Зоран Заев во телевизиско интервју, дека иницијативата за средба со фудбалерите дошла токму од нив и стручниот штаб. „Средбата може да се случи на стадионот, со дистанца, на отворено. Премиерот би посакал среќа и ништо повеќе“ кажа Мојсоски.
Д. Е.