Во 21от век, во Европа, правото на самоопределување и само-изјаснување е неспорно. Односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот, пишува министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици. Стандардниот македонски јазик е официјално кодифициран во мај 1945 година, врз основа на централните говорни форми во тогашна Македонија. Беше еден од трите официјални јазици и во поранешна Југославија, а присутеан е во ОН уште од 70-те години на минатиот век. Македонскиот јазик има свој историски развој и е признат од меѓународната заедница на лингвисти.
Историскиот процес што го почнавме со соседна Бугарија, за да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди, претпоставува взаемно прифаќање.
Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик.
За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот. Лесно е да се растури, тешко е да се гради.