Роман Протасевич, момче на возраст од 26 години, чиј лик ни одблиски не оддава впечаток за некоја голема закана, е блогерот за чие апсење диктаторот Лукашенко покрена цела една воена операција со присилно слетување на патнички авион со стотина патници. Протасевич никогаш не бил избран за јавни функции, ниту бил кандидат. Сепак, овој млад блогер и дисидент беше доволно „опасен“ за Лукашенко да преземе една апсурдно несразмерна акција за негово апсење.
Протасевич помогна светот да дознае за продемократското движење во Белорусија и тоа е неговиот најголем „грев“.
Белорускиот новинар и активист беше на пат кон дома за Литванија во летот на „Рајанер“ што сообраќал на релација Атина – Вилнус. Авионот се наоѓал во воздушниот простор на Белорусија и скоро стигнал до Литванија, кога пилотот бил принуден да го смени правецот. Белоруските власти побарале авионот принудно да слета со образложение дека во авионот има експлозив. Но ништо не е пронајдено во леталото.
Според белоруската државна новинска агенција БеИТА, претседателот Лукашенко лично наредил авионот на Рајaнер да биде придружуван од воениот авион Миг-29.
Кога полицијата го уапси Протасевич заедно со неговата девојка Софија Сапега, Русинка и студентка по право, пред да дозволи летот да продолжи, беше повеќе од јасно дека токму тој беше мета на оваа операција.
Кој е Роман Протасевич?
Што стори овој млад блогер, дигитален револуционер, ко-примател на Сахаров наградата за слобода на мислата во 2020 година што ја доделува Европскиот парламент секоја година, па да го навлече гневот на белоруските власти?
Протасевич беше главен уредник и ко-основач (заедно со блогерот и јутјубер Степан Путило) на „Nexta“ и „Nexta-Live“, канали за вести на платформата „Телеграм“, кој се здоби со репутација на доверлив алтернативен извор на информации и го привлече гневот на белоруската авторитарна влада.
Ексклузивните материјали кои содржеа и видеа што ја разоткриваат бруталноста на режимот, обезбедени од кругови на владата и остриот пристап ги направи „Nexta-Live“ и „Nexta“ да бидат главен извор за белоруското политичко известување во времето на спорните претседателски избори во земјата што се одржаа минатиот август. Продемократските борци ги користеа каналите за да ги информираат приврзаниците за деталите на протестите, како и за објавување извештаи и слики од бруталните напади врз демонстрантите од страна на безбедносните служби под команда на Лукашенко.
Откако масовните протести станаа секојдневие во Белорусија, „Nexta“ објавуваше кога и на кое место ќе бидат протестите, даваше совети за спротивставување и избегнување на полицијата и упатства за одржување на протестите без употреба на насилство од демонстрантите. Наспроти тоа, демонстрантите беа пречекани со брутална акција од страна на белоруските власти, што резултираше со апсења на десетици илјади цивили и шокантни сцени на полициско насилство. Информации за полициската бруталност беа делумно достапни за надворешниот свет и поради „Nexta“ каналот што го уредуваше Протасевич.
Роман себеси се опишува како „првиот новинар-терорист во историјата“. Белоруската тајна служба во ноември 2020 година го стави 26-годишниот опозициски блогер на својата листа на барани терористи.
Неговото име, како што пишува DW, за првпат се појави во јавноста кога како 16-годишен ученик беше уапсен во Минск – со долга коса и гордо крената глава, поради учество на протести против Лукашенко. И покрај добрите оценки, беше исфрлен од училиште. Потоа повторно беше уапсен во 2011 година под обвинение дека стои зад опозициски профил на социјалните мрежи. Кружеа и информации дека си заминал од дома поради разлики во ставовите со родителите. Татко му е поранешен офицер и предавал на Воената академија. Подоцна, таткото ги демантира информациите дека дошло до кавга со син му. Протасевич потоа се ангажира во опозициската младинска организација „Млад фронт“ и студира новинарство на универзитетот во Минск. Но, и оттаму е исфрлен, наводно, од административни причини. Тој самиот, пак, смета дека политичките мотиви биле пресудни.
Во 2017 добива Хавел-стипендија од белоруската редакција на американското радио „Слободна Европа“ со седиште во Прага. Работи како хонорарен новинар за различни медиуми, меѓу кои и за водечкиот веб портал „Tut.by“ кој власта го затвори неодамна.
Кон крајот на 2019 година, Протасевич се сели во Полска, каде и станува главен уредник на каналите на мрежата „Телеграм“ – „Nexta“ и „Nexta-Live“. Во септември 2020 година, Протасевич заминува во Вилнус, каде во егзил живее и поранешната кандидатка за претседател и лидер на опозицијата, Светлана Тихановскаја. Еден месец претходно, поради големите притисоци, неговото семејство е принудено да се пресели во Полска.
Во Белорусија, против Протасевич се водат неколку постапки, а му се заканува и затворска казна до 15 години. Главната причина е неговата работа во каналите „Nexta“ и „Nexta-Live“ по претседателските избори во август 2020 година. Колкава е неговата закана за режимот на Лукашеноко, говори што овој испрати воен авион Миг-29 за да принуди меѓународен патнички авион да слета, за да го уапсат.
Јане Ѓорѓиоски
(продолжува)
Линк до целиот текст со наслов „Досие Белорусија: Диктаторот со калашников“