пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Колку подобро за македонските интеграции, толку полошо за радикалите и криминалците во политиката. Тотално апсорбирани од омразата, ултрадесничарските политичари и нивниот пропаганден ентураж во континуитет ја покажуваат својата неспособност за учество во напредокот на земјата. Но затоа ја користат секоја прилика и неприлика да истурат лавини омраза и дискредитација на сметка на политичарите, експертите и граѓанското општество кои нудат решенија во клучните социополитички процеси за исполнување на македонските национални интереси.
Нивниот поглед е вкочанет, вперен кон Истокот (читај Кремљ), од каде што доаѓа поддршката во најразлични форми, не само како несмасно груби изјави.
И тогаш, со така вкочанет поглед, сликата се заматува. Од Истокот ништо добро ниту дошло, ниту ќе дојде, ама затоа е лош Западот. Во Русија никој не сака да оди да работи или да живее, но затоа Западот е империјалистички и неморален. Подобро е земјата да се распадне и да влезе во криза, сиромаштија, а зошто да не и војна, отколку луѓето да живеат во мир и стабилност, достоинствено и со почит едни кон други. Главната парола на ударничките трол бригади е: Колку поназад, толку подобро!
Северна Македонија е за првпат на Самитот на НАТО како полноправна членка, премиерот Заев се среќава со првите луѓе на најголемите и најразвиените демократии на светот и добива целосна поддршка за нашата земја. Но тоа „не заслужува“ внимание во медиумите блиски до десницата, а уште помалку некоја изјава, макар на пола уста, во знак на поддршка од шефовите на ултранационалистичките партии. Патриоти се нели? Или патриотизам е исклучиво тоа со кое се „прославија“ и во изминатите четири години: организирање и/или поддршка на Крвавиот четврток, насилство, бојкотирање, блокирање и опструкции на правдата… (за претходните години и да не говориме)
Можеби американскиот претседател Бајден срдечно се поздравува и разговара со македонскиот премиер Заев, но тоа не е ништо. Сетете се само на „историскиот настан“ кога Обама му намигна на екс-претседателот Иванов на молитвениот појадок во 2011 година. За колосалните меѓународни „успеси“ на оваа хард-кор клика може да се напишат многу стории. Ете, на пример, кога партискиот шеф на најголемата партија отаде прогресот и разумот, го „подкрепи“ договорот со Бугарија на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Обаче, толку пријатна средба, Борисов дури и вода не му даде да се напие.
Се разбира, за нив донацијата од 20.000 вакцини против Ковид-19 од пријателска Грција е безначајна, на страна „фактот“ дека вакцините се „или со изминат рок или се чипирани“. А неуспешните блокади и протести против-ни-сами-не-знаат-што? Ах, тоа е само загревање пред некои наредни, исто толку „големи“ политички победи.
Сите се предавници, само тие се патриоти. Сите се шпиони, само тие се верни македонски синови и ќерки. Да бидеме коректни, бугарските пасоши не ги спомнуваме, нели? Само дека Бугарите ги мразиме, се разбира не повеќе од Албанците, а си ги сакаме само „нашите“. Колку и да не нè сакаат тие.