Во технолошко индустриските развојни зони во првата половина од годинава е регистрирано највисоко ниво на економска активност во последните дваесет години, покажала анализата на ТИРЗ. Во првите шест месеци и извозната активност била зголемена за околу 70 проценти во однос на истиот период лани, а увозната за 90 проценти. Во првата половина од годината се склучени договори за нови инвестиции во вредност од 105 милиони евра.
Дигитализацијата е во завршна фаза и наскоро ќе почне опремувањето на првите судови низ државата, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ на состанокот на работната група на земјите од Западен Балкан. Маричиќ се осврна и на важноста и придобивките од дигитализацијата во земјите од Западен Балкан во олеснувањето и подобрувањето на пристапот до правдата за граѓаните од целиот регион.
Предлог-законот за учебници кој Владата го повлече од собраниска процедура за да биде на јавна расправа, повторно е отворен за сугестии и предлози откако и претходно беше на ЕНЕР (Електронски регистар за прописи), соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
Преку проект поддржан од Светска Банка, Министерството за труд и социјална политика, обезбеди над 55.500 хигиенски пакети во вредност од 40 милиони денари, кои веќе се распределуваат низ државава. Пакетите содржат прашок за перење, средства за лична хигиена, средства за дезинфекција и заштитни маски, а се очекува да бидат доставени до крајот на август 2021 година, информира Министерството за труд и социјална политика.
M. Mиткоска