пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Коментарите за најавата на претседателот Пендаровски да не одржи илинденски говор е проблематично (недржавничко, предавничко, срамно и како уште не го нарекоа) на социјалните мрежи и на „патриотските“ гласила, не вреди ни да се спомнат во редовна, информативна медиумска содржина. Несериозно е да се поставуваат како контратежа на еден, колку обединувачки, толку и креативен и модерен потег.
Всушност, со својот план, претседателот го разобличи сиот апсурд на националистичките наративи во земјава, не само еден, туку сите. Сега, сите што планирале било каков инцидент, ќе се соочат со празнотијата и бесмисленоста на таквите „подвизи“. И тука не се работи за самото решение да не одржи говор.
Па со самото решение, тој веќе одржа громогласен и државнички говор!
ЈАСНА И МОЌНА ПОРАКА
Всушност, говор има, и тоа каков! Добар е оној говор во кој има јасна и моќна порака. Што има појасно од пораката во која отворено и искрено се констатира дека прославата на Илинден секогаш е проследена со антагонизам и омраза, по меѓуетничка, интраетничка, идеолошка и партиска основа? И дека тоа треба да престане…
Од нападот на „патриотката“ што го исплука првиот македонски претседател, Киро Глигоров, до фашистичкото салутирање и крајно недостојно националистичко скандирање на падините на Мечкин Камен изминатите години, Илинден, наместо празник, редовно се претвора во скандал и мачење за сите. Прославата, сосе говорите, се илустрација за длабоката поларизација во општеството. И за непреченото антидемократско и антидржавно дејствување на сметка на даночните обврзници.
ЕДИНСТВО
Пендаровски предлага сите заедно да го прослават Илинден, со многу уметност и изворни пораки што произлегуваат од Крушевскиот манифест. Со дефиле на сите шефови на дваесетината политички партии што ги сочинуваат коалициите во парламентот. Ете место за сите, иако таму има ликови за кои најмалку што може да се каже е дека не заслужуваат да бидат во таа поворка. Ете порака за единство.
Пендаровски и неговиот тим мислеле на сѐ. Времето на централниот настан ќе биде поместен, во 18 часот, за да можат сите да дојдат од одбележувањата на други локации (Пелинце, споменици итн.). Фер инаф. Во програмата се актерот Никола Ристановски, Влатко Стефановски, Танец, Ансамблот за албански песни и ора, воениот оркестар…
Пендаровски, како што брифираше самиот, лично ги поканил сите. Човек и политичар како Пендаровски, разбирливо, може да го одбијат само навистина многу деструктивни политичари, кои притоа се исклучително кусогледи, да не употребиме поостар збор. Иако и најострите квалификации за некои политичари не се доволно остри, но секако се соодветни.
Али Ахмети веднаш прифатил, ќе учествува на настанот за првпат. Зиадин Села, иако во странство, рекол дека ќе настојува да дојде или дека ќе има достојна замена за него како шеф на Алијансата за Албанците. Поворката ќе ја води почесниот баталјон на македонската армија, а по неа ќе чекори претседателот на државата. Заедно со него, под небото на легендарниот Мечкин Камен ќе чекорат и првиот човек на македонската влада, министри, политички лидери, академија, попови и оџи, лидери во заедниците…
На сето тоа му претходи брифинг со новинарите и уредници од сите македонски медиуми, на сите јазици на кои се објавуваат медиумските содржини, како и видео порака.
ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН
И нема говор? Потегот е проблематичен? Или е модерен, креативен и државнички? Се разбира, во демократско општество секогаш има место за дискусија. Јас би сакал да видам програма што го отсликува мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на македонското општество. Тоа во голема мерка е и отсликано со оваа програма. Но секогаш може повеќе и подобро.
Во меѓувреме, како што е редот, можеме со гордост да си го честитаме Илинден, државен празник на сите и за сите, каков што треба да биде и како што државниот врв го третира. Тоа е празник дури и на сите што ќе се обидат на глупав и деструктивен начин да ќарат некој валкан политички поен. И да го изгубат. Само да не се појави повторно Мицкоски со истото извинување за грешките на неговата партија од минатото. Бидејќи ќе ја направи и на самиот ден, Илинден. Знаете на што мислам. Прецизно.
Честит Илинден!