Одбележуваме значајна годишнина од договорот со кој беше обезбедена мирната иднина и натамошна демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници. Договорот ги постави темелите врз основа на кои ние како новоформирана влада во 2017 година го градиме нашето заедничко – едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде, порача премиерот Зоран Заев на обраќањето на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
После Охрид, нагласи Заев, нашата земја гради зрели политики, и наместо конфликти разговараме за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи, а заедно со нашите соседи создаваме Отворен Балкан.
– По Охрид сите заедно, без разлика на нашата етничка, национална, верска, социјална и културна припадност изградивме едно еднакво општество каде секој може да најде просперитет и подобра иднина. Драго ми е, што после 20 години дискутираме за сите овие придобивки. Една од најважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно посветени на секоја индивидуа, семејство и граѓанин, изјави Заев.
Охридскиот рамковен договор, нагласи Заев, ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други сограѓани.