пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Во текот на изминатите две-три години на адресата на ВМРО-ДПМНЕ се испратени стотина, можеби и нешто повеќе прашања. Ниту еден одговор не пристигна назад. На онаа помалата нивна сестринска партија им се поставени (само) дваесетина прашања. Па помали се, нормално. Како и да е, и на помалите, реакцијата им е иста како на ВМРО-МВРО: нема одговор. Ах, пардон, еднаш ни вратија со контрапрашање – зошто сме го поддржале влезот на Северна Македонија во НАТО. Не одговорија на прашањата, но затоа поставија контрапрашање. Им одговоривме на нивното контрапрашање, но одговор на нашите прашања пак не добивме.
НЕОДГОВОРЕНИТЕ ПРАШАЊА СЕ КАКО НЕРЕШЕНИ УБИСТВА
Зошто ли не одговараат на прашањата? Сакаат ли нешто да кажат со тоа? Што и да сакаат да кажат, треба да знаат дека неодговорените прашања се како нерешени убиства. Случаите никогаш не застаруваат.
А нови прашања има и ќе има уште повеќе. Ќе ја искористам оваа прилика да поставам уште неколку. Бидејќи се нови и актуелни, можат да почнат со најновите, прво за пцуењето (вчера го објавив: Какво е тоа пцуење господине Мицкоски?), а потоа и овие:
- Зошто ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на Конференцијата „По Охрид“? Која е пораката? Како мислат да се борат за власт на било кое ниво во државата, кога за ниту едно важно прашање не се произнесуваат, во ниту еден важен процес не учествуваат?
- Дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за локалните избори или навистина има проблеми во составувањето на листите со кандидатки и кандидати? На пример, се слуша дека Коце Трајановски одбил да биде кандидат, па се навестува кандидирање на шефицата на Сојузот на стопанските комори, Арсовска.
- Дали, доколку не успеат да најдат доволно кандидатки и кандидати, ќе бараат одложување на изборите?
- Дали на терен работат на блокирање и бојкотирање на пописот, како што беше случај во пресрет на претходниот термин во април оваа година?
- Зошто не се одзваа на поканата на Претседателот Пендаровски заедно да го одбележат Илинден?
И, да го поставам истото прашање (од вчера) по третпат: Какво е ова пцуење, господине Мицкоски? Дали на повидок е нова партиска стратегија според која вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се спушти уште едно скалило подолу, поблиску до оној на фејк-Левица? Како може партиски шефови и функционери да си дозволат јавно да се закануваат, да навредуваат и да пцујат?
ПОТСЕТУВАЊЕ НА СТАРИТЕ, НЕОДГОВОРЕНИ ПРАШАЊА
За потсетување, еве избор од насловите со линкови до текстовите во кои се објавени прашањата од кои најголем дел се испратени и на партиските мејлови: Прашањата му се поставени на Мицкоски, може да ги одговори кога сака и како сака (22 ноември 2020), Јавна покана за интервју со господин Христијан Мицкоски (прв и втор дел, 23 и 24 октомври 2020), Љубезни прашања до Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ (23 февруари 2020), Татиниот математичар, „дипломатските победи“ и неодговорените прашања (20 ноември 2019). Да, точно така, ниту едно прашање од овие текстови, не е одговорено, како ни сите други поставени порано или во меѓувреме. Таму има и многу прашања за финансирањето на партијата и за милионските „дупки“ во нивните финансиски извештаи, за профитите од хидроцентралите во времето на Груевски и многу други.
Еве, да не се почувствуваат занемарени, пар линкови од јавно (и по мејл) поставени прашања и до помалата сестринска партија фејк-Левица: Кога лажеше шефот на Левица-E Majta? (16 јули 2021), Прашања до Апасиев како мисли да го спроведе стрелањето (23 јули 2020). Има уште, пратени се по мејл кај нив (ќе ги објавам и тие деновиве).
Секое неодговорено прашање значи дека нешто се крие од очите на јавноста, а најчесто и од законот. Јас нема да престанам со поставување прашања.
ПС. Слободно додајте уште прашања, драги читателки и читатели.
Можете да го погледнете и ова видео од 21 мај 2020 година: