Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој престојува во Албанија, синоќа во Тирана присуствуваше на хуманитарен концерт „Ти никогаш нема да бидеш сам“ посветен на процесот за обнова по разорниот земјотресот од 26 ноември, пренесе МИА.
По настанот тој на својот профил на Фејсбук напиша дека продолжува континуираната поддршка за утеха од трагичниот исход за закрепнување од последиците од земјотресот што го погоди Драч, и другите населени места во Албанија.
Посочува дека во знак на таа поддршка, со премиерот Еди Рама и претсeдателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствувале на концертот на класични оперски арии во Тирана, во изведба на најдобрите артисти на албанската опера.
-Трагичните настани носат ненадоместливи загуби, но, тоа се моменти кога на најдобар можен начин може да се изрази пријателството и поврзаноста меѓу народите. Донаторскиот концерт за ублажување на последиците од земјотресот е само почеток и најава на заедничката соработка во справувањето со природни катастрофи која утре ќе биде опфатена како нов столб за соработка меѓу земјите од Западен Балкан, напиша Заев.
Искрената и посветена соработка на спасувачките екипи на сите земји од соседството веднаш после трагичниот земјотерс, потенцира Заев, е „силен знак за она што може да го направи нашиот регион кога работиме заедно“.
Постот на премиерот Заев по концертот, доби широк публицитет во албанските медиуми.
Инаку, денеска претпладне Рама, Заев и Вучиќ ќе посетат неколку делови на Драч, кој беше најпогоден од разорниот земјотрес од 26 ноември. Потоа во хотелот Рогнер во Тирана ќе го одржат состанокот на иницијативата „Мини Шенген“ која има за цел интензивирање на регионална соработка и подобрување на животот на граѓаните.
Првиот состанок беше одржан во Нови Сад, вториот во Охрид, додека следниот најавено е дека ќе биде во Белград.