ЦИВИЛ започна со нова серија регионални семинари во кои воведе низа новини во динамиката и методологијата. Првиот ултрадинамичен семинар „Граѓански објектив: Граѓан(к)ите учествуваат, набљудуваат и известуваат“ се одржа вчера во Штип со учество на над 20 учеснички и учесници од источниот регион.
Покрај тимот на ЦИВИЛ, на семинарот предавачи беа и новинарите Зоран Иванов и Арбен Зеќири.
„Учесничките и учесниците на семинарот имаа можност да учествуваат во супер динамични, интерактивни и забавни активности во кои едукацијата е насочена во повеќе области поврзани со транспарентноста и одговорноста во политичките процеси. На овие семинари, сите заинтересирани ги подготвуваме да бидат дел од мрежата на ЦИВИЛ или самостојно да дејствуваат во насока на граѓанскиот мониторинг и известувањето за настаните и процесите на локално и национално ниво. Во новата серија семинари во кои внесуваме сосема нови, досега невидени методолошки единици, на учесничките и учесниците им нудиме можност преку интерактивни работилници, преку дијалог и практични вежби да се запознаат со основите на новинарството, граѓанскиот активизам, човековите права и слободи и граѓанското новинарство, како алатки за директно влијание и општествени промени“, велат од ЦИВИЛ.
Иако со методолошки новини, овој семинар е во своевиден континуитет на едукацијата што ЦИВИЛ ја спроведува на овие теми во изминатите четири години, на кои учествуваа над 1.000 луѓе до сега. Тие се дел од проектот „Граѓански објектив: Промовирање на транспарентни и одговорни политички процеси“ финансиран од National Endowment for Democracy, што ЦИВИЛ го имплементира веќе петта година по ред.
Б. Јордановска