Од почетокот на изборната кампања, Изборен рапорт се емитува во живо секој ден околу 11 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ. Денешниот рапорт, седми по ред, опфаќа извештаи за непочитувањето на протоколите за заштита од КОВИД-19, политичка злоупотреба на деца и црна кампања. Следното издание на Изборен рапорт е закажано за утре, понеделник, 4 октомври, во 11:15 часот.
На митингот на партијата Левица за промоција на нивниот скопски кандидат, Мониторинг тимот на Цивил нотира дека присутните 40-ина присутни не ги почитуваат протоколите за заштита од КОВИД-19.
Во извештајот на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ се најде и Рамиз Мерко, актуелен градоначалник и кандидат на ДУИ. Според фотографиите до кои дојде Мониторинг тимот на Цивил, тој во текот на вчерашниот ден, на средбите со граѓанките и граѓаните во Струга и неколку други населени места во општината, не одржуваше дистанца и не носеше маска.
Исклучок претставува средбата на Мерко со организациите на жените, каде што се води грижа за протоколите за заштита од КОВИД-19, иако на една фотографија дистанцата изостанува. Сите фотографии се од ФБ профилот на кандидатот Мерко.
Соработниците на ЦИВИЛ од Јегуновце, јавуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не ги почитуваат протоколите за заштита од КОВИД-19. Таква е средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и високите партиски функционери со граѓанките и граѓаните на село Копанце.
Во извештаите на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во категоријата Кршење на протоколите за заштита од КОВИД-19, предничат ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ, а по нив се Алијанса за Албанците. Иако во помала мерка, се бележи непочитување на КОВИД-протоколите и на настани на СДСМ.
Немаме извештаи за кршење на протоколите од независните кандидатки и кандидати на локалните избори.
Ги повикуваме сите учесници во изборниот процес да ги прочитаат протоколите 42 и 42 во кои јасно стои дека учесниците и организаторите треба да одржуваат дистанца и да носат маски на собирите. Потребно е организаторите да обезбедат и средства за дезинфекција. А можат и присутните да понесат по некое шишенце со средство за дезинфекција.
Инвестирајте во вашето здравје, користете средство за дезинфекција и заштитни маски. Одржувањето на дистанца е бесплатно!
Политичка злоупотреба на деца се нотира во извештајот за партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ во Јегуновце. На фотографиите што ги добивме од Фејсбук, споделени од партијата и нејзините симпатизери, јасно се гледа дека дел од децата имаат одредена функција на собирот.
Употребата на деца во политички и изборни цели е забрането со законот за Заштита на децата, Член 12 став 4, во кој се вели:
„Се забранува злоупотреба на децата поради политичко и верско организирање и дејствување“.
Правните експерти во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ оваа честа појава во изборните кампањи ја коментираат со зборовите:
„Овој став во Законот за заштита на децата подразбира општа забрана за употреба на децата во било каква форма на политичко дејствување, вклучувајќи и политичка изборна кампања“.
Згрозувачки коментари се бележат против лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, под тенденциозна објава на Фејсбук профилот Чао Заев.
Уредништвото на медиумската платформа на ЦИВИЛ одлучи да не ги објавува овие коментари, но тие секако се архивирани и ќе бидат ставени на располагање на релевантните институции доколку решат да преземат мерки.
Непотребно е да се потсети дека секој што администрира Фејсбук страница е одговорен за објавите, но и за коментарите. Познати се релациите и политичката афилијација на овој и сличните профили на социјалните мрежи. Тие се сведоштво дека се води организирана црна кампања во земјава.
Досега не е забележана некоја посериозна активност на релевантните институции да ја спречат црната кампања и да ги откријат изворите на финансирање и раководење со овие активности во јавната комуникација.
ЦИВИЛ смета дека е крајно време институциите да почнат да се занимаваат со својата работа и да ги исполнуваат своите законски обврски кон граѓанките и граѓаните на оваа земја, а особено кон малолетниците кои се корисници на социјалните мрежи.
ЦИВИЛ во континуитет се обраќа до јавноста и апелира до граѓанките и граѓаните да се воздржуваат од говорот на омразата на социјалните мрежи, да ги отфрлат и остро да ги осудат ваквите појави.