Денеска се навршуваат седум години од Црниот понеделник, 24 декември 2012 година, кога собраниското обезбедување и специјални полицајци ги тепаа и насилно ги исфрлија пратениците од тогашната опозиција (СДСМ) и новинарите, по што овој ден беше наречен „црн понеделник“ за македонската демократија.
На овој ден се сеќава и потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска – Ременски, која денеска сподели сеќавања, но и документи поврзани со овој мрачен настан:
„Денот 24.12.2012 година го паметам многу добро. Се совпадна со откривањето на криминалот со незаконското опремување на МВР на штета на Факултетот за безбедност. Откривањето и пријавувањето на случајот што резултираше со мое суспендирање од продекан на Факултетот. Ден по црниот понеделник, Владата на 25.12.2012 на факултетот му даде (фиктивно) опрема која никој не ја виде, затоа што ја дале пред да ни ја дадат со комплет лажирани документи.
Денес, оваа пријава спие 6,5 години во фиоката на Гордана Смаќовска и се буди повремено да повтори изодени чекори наназад, но никако нанапред“, напиша Ременски.
Инаку, професорката Ременски на продеканското место била само неколку месеци, а нејзиниот избор за продекан во октомври 2012 се случил на тајно гласање, при што 20 професори од Факултетот за безбедност гласале за неа, а само двајца биле против.
Како што појасни и лани, веќе утредента откако ја избрале дошла просветна инспекција, која ѝ кажала дека член на Советот за безбедност на СДСМ не може да биде избрана во продекан.
Две недели потоа, таа го објавува криминалот на МВР со набавката за лабораториите на нејзиниот факултет и случајот во декември 2012 година го пријавува на ректорот, а според документацијата што ја поседува, криминалот бил вреден 4 милиони евра.
Целиот случај завршува со смена на деканката за сосема банален случај, а во пакет со неа и Ременски.
Инаку, опозицијата, пред седум години, се обидуваше да го спречи донесувањето на Буџетот за 2013 година, со образложение дека не била испочитувана процедурата и дека во комисиите не биле разгледани амандманите што тие ги поднеле.
Додека се чекаше на почеток на седницата, во собраниската сала влезе обезбедувањето и специјалната полиција и со примена на сила ги отстрани од салата опозициските пратеници, а отстранети беа и новинарите кои седеа во галеријата.
Тензично беше и пред зградата на Собранието, каде што беа две спротивставени групи, приврзаници на власта и на опозицијата, а меѓу нив беше поставена полицијата, за да спречи евентуален конфликт.
Б. Богдановска