На ЈуТуб се појави аудио снимка на која, наводно, се слуша како луѓе коишто се на советничката листа од иницијативата „За наше Куманово“ на Максим Димитриевски се обидуваат да купат гласови во Куманово. На снимката, наводно, се слуша Мирољуб Пауновиќ, кандидат за советник, како се договара со непознато лице да му обезбеди 50 до 100 гласа. Лицето му кажува дека треба да се плати по 500 денари од човек, плус нешто за него.
„Кумановската и македонската јавност вчера слушнаа како кандидат за советник, директор на основно училиште и близок соработник на Максим Димитриевски прави зделки со кои купува гласови. Цената на еден глас изнесува 500 денари плус 500 денари за посредникот на зделката. Ова почитувани е срамно, неодговорно и пред се незаконско дејствување на Максим Димитриевски и неговиот тим. Ова е класично режимско постапување од најлошите години на режимот“, истакна на денешната прес-конференција Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
Таа нагласува дека со ваквото однесување Максим Димитриевски го покажа своето вистинско лице и уште еднаш покажа дека не е социјалдемократ, како што се претставува.
„Надлежните институции веднаш да постапат по овој случај, да се отвори истрага, да се утврди одговорност и да следуваат соодветни санкции.
Куманово памети како ВМРО-ДПМНЕ со години поткупуваше, уценуваше, заплашуваше граѓани во обид да ги притисне и на сила да завладее со Куманово. Тоа никогаш не им успеа.
Нема да му успее ниту на Максим. Граѓаните во оваа кампања го видоа неговот вистинско лице.
Кумановци и кумановки се чесни, горди и достоинствени луѓе кои никој не може да ги купи, нема да успее ниту Димитриевски.
Во недела, на 17 октомври, Куманово повторно ќе застане зад концептот на СДСМ и Најдоброто кој води напред кон развој.
На 17 октомври кумановци масовно ќе заокружат 12.
Куманово бил и ќе биде бастион на СДСМ и социјалдемократијата“, потенцира Тасевска.
Димитриевски во изјава за Фронтлајн.мк рече дека се работи за местенка и дека случајот е пријавен во МВР.