Од овде, од Споменикот на слободата во Кочани, повикувам на обединување за скапоцената слобода која заедно ја освоивме и која сега мораме заедно да ја браниме, порача Зоран Заев.
„Сетете се дали познавате некој во последниве четири години којшто бил репресиран? Дали знаете за некој новинар, бизнисмен, сопственик на медиум или било кој друг, да биде неправедно и спектакуларно апсен, да бил понижуван јавно, влечен со лисици или да им влегувала полицијата на луѓето по домовите во глуво доба, додека децата им спијат?
Еден дали има? Нема, и нема да има.
Бидете горди што заедно донесовме слобода. И што денес имаме Влада која вложува во луѓето, а не врши терор врз нив. Сега граѓаните владеат и никој не помислува да ја фалсификува нивната волја. И овие и претходните четири изборни циклуси се потврда за тоа. Нема веќе Пустец, нема печатење лажни лични карти, нема МВРО-ВМРО, нема влечење за уши, нема гасење лифтови. Наспроти тоа, ние сме отворена власт – и нема да се затвораме и секогаш ќе се бориме никој да не смее ништо да крие од народот.
Во тоа име, повикувам да се обединиме и да продолжиме да работиме заедно за уште повеќе слобода и уште повеќе демократија.“, изјави Заев.