ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

(М)оралното лажење е најстариот рецепт за губење избори

October 29, 2021 09:54
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

САШО ОРДАНОСКИ

Во политиката, во принцип, кога ќе ве фатат во крупна лага, најлошата стратегија за комуникација со јавноста што ви стои на располагање е – да продолжите да лажете.

За тоа има многу „лекции“ во историјата на лажењето на политичарите од кои може многу и да се научи. Прво паѓаат на памет оние со американските претседатели врзани за Вотергејтскиот скандал на Ричард Никсон и скандалот со сексуалните компликации на Бил Клинтон, а и двајцата завршија со импичменти во американскиот Конгрес. Деталите, а и исходот од тие импичменти се различни, но со познати крупни политички последици и по нив двајцата, а и по републиканците и демократите кои, како партии, прво застанаа, па потоа се дистанцираа од нив.

Од светот на менаџментот, пак, прочуен е примерот што се изучува и во бизнис-школите за големиот скандал со компанијата „Левис“ која во 1991 година беше обвинета дека дел од нивните прославени фармерки се произведуваат во територии (во случајот, американските оф-шор доминиони на Северните Мариански Острови и Порторико) каде се користеле и деца под 14 годишна возраст, во „робовски услови“, како евтина работна рака. Кога тимот советници на тогашниот генерален менаџер на „Левис“ му сугерирале негирање на тие информации и итно издавање деманти, тој кренал рака и едноставно прашал: „А, дали се тие информации вистинити?“… По што „Левис“ ги потврди вестите и спроведе голема и долгогодишна кампања за темелно унапредување на работните услови кај своите белосветски производствени сабконтрактори и усвои нов Кодекс за тоа како и кој може да работи за компанијата. И си ја спаси сопствената иднина.

Таквите лекции, гледаме, не ги научила ни Данела Арсовска, ни нејзините поддржувачи од ВМРО-ДПМНЕ. Впечатокот е дека продолжуваат здружено да лажат во очи на она што делува како непобитни докази што ги објавува СДСМ.

Што ѝ пречеше на Арсовска, веднаш по објавувањето на првите информации за нејзиното бугарско државјанство, да излезе и тоа да го потврди? Зошто се срами од својот бугарски „произход“, доколку самоволно поднела соодветни документи со него да се стекне? Па, и за тоа „вадење“ има полегитимен политички маневарски простор – на пример, „Да, заборавив да објавам дека се чувствувам како Бугарка, па што?!“ – отколку за ароганцијата со која продолжено тоне во морално-политичко бесознание.

Бил Клинтон, на пример, во своја неуверлива одбрана, тврдеше дека има разлика во дефинирањето на она што правно строго се толкува како „сексуален однос“, бидејќи тој и Моника Левински во своите љубовни игри не завршиле со копулација – „парење“, што би се рекло, да не спомнам поексплицитен израз – туку се задржале само на орално задоволување… Итн.

И оваа „копулација“ со државјанството на Арсовска делува „орално“ неуверливо. Прво се туфкаше ден-два, опширно избегнувајќи директен одговор, потоа прогласи дека „нема време“ со тоа да се занимава, а сега, фатена во „небрано“, почнува „од општа култура“ да ја оспорува целата надворешна политика на државата, веројатно во надеж дека пред локалното гласање во недела ќе се „извози“ кај некои од скопските гласачи апелирајќи на нивното незадоволство од решавањето на проблемите со Грција и, тековно, со Бугарија… Кај и да е, до петок вечер, пред молкот, не би изненадила ако го доведе и членството во НАТО под прашање. Се кандидира ли таа за нов министер за надворешни работи, макар и „во сенка“, на ВМРО-ДПМНЕ, или за нивен „независен“ градоначалник на Скопје?

Проблемот на самата водечка опозициска партија е уште поголем, бидејќи таму би требало да има луѓе кои разбираат подобро од Арсовска за тоа какви се последиците ако, среде изборна кампања, ве фатат во крупна лага. Нивната кандидатка, од милозвучен билбил за промоција на „независност“ и „неутралност“, сега сѐ повеќе се „лепи“ на политиките и капацитетот на партијата, барајќи поддршка во нивната пропагандна машинерија да ѝ ја спасуваат кандидатурата „во пет до дванаесет“. Со тоа дополнително компромитирајќи ги сите оние кои застанаа во нејзина одбрана, од Христијан Мицкоски, па надолу.

Не сум сигурен дали на ВМРО-ДПМНЕ, гледано во подолгорочен политички контекст, веќе ѝ одговара Данела Арсовска да победи на изборите за градоначалник на Скопје? Не за друго, некој ќе помисли дека начинот на надминување на проблемот со Бугарија е според рецептот сите да извадиме бугарски државјанства и да си ќутиме за тоа.

 


Преземено од ЦИВИЛ. Текстот е личен став на Авторот.
Next Post

Шилегов: Преку апликацијата „Мое Скопје“ граѓаните ќе имаат „мини референдуми“ за сите важни прашања во градот

НАЈНОВО

AI generated image

OpenAI и Google предупредуваат дека AGI ќе ја „уништи“ средната класа

September 1, 2025
Скриншот

Данил Медведев и тренерот Жил Сервара ја прекинаа осумгодишната соработка

September 1, 2025

Хамилтон по Големата награда на Холандија: Тежок резултат, но се движиме во вистинска насока

September 1, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Албански симболи како мета – институционална немоќ или политичка калкулација?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Албанската полиција спасила македонски параглајдерист носен од невремето

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Фабрицио Романо: Донарума се пресели во Манчестер сити за 39 милиони евра

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Според Пандов, Тодор Александров е еден од славните македонски синови – одбележани 101 година од убиството на контроверзниот историски лик

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Судскиот совет ги избра новите судии за Апелациониот суд Скопје и за претседател на Основен суд Охрид

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk