Ахмети смета дека Беса нема да ја напушти Владата. Јакимовски омаловажувал и навредувал новинари. Почнаа преговорите со производителот на лекот „Молнупиравир“. Албанскиот министер за одбрана Пелеши на средба со Шекеринска.
ПОЛИТИКА И ЕКОНОМИЈА
На покана на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во прва официјална посета на Северна Македонија престојува албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши. Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата во Министерството се согласија дека Северна Македонија и Албанија како земји – сојузнички во Алијансата денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката.
Димитров денеска го повтори ставот дека бугарското вето за нашиот почеток на преговори со Европската Унија, всушност не е само блокада кон нас, туку и кон ЕУ. Таа блокада сакале или не, е и блокада на македонско-бугарското пријателство, тоа ќе доведе до речиси неповратно оддалечување, изјави денеска Димитров.
Сметам дека нема да се случи Беса да ја напушти Владата, зашто таквиот потег нема да биде од полза на таа партија, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети во Собранието. Коментирајќи ја изјавата на генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа дека поради одлуката за прегласување на изборите за градоначалник во Желино можно е партијата да ја напушти владината коалиција, Ахмети вели дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека се интензивираат постапките за зголемување на државните капацитети за производство на електрична енергија. Од тетовското село Прељубиште тој информираше дека денеска надлежната Комисија ја донесе формалната одлука која ќе биде предложена до Владата за прогласување енергетска кризна состојба.
СКАНДАЛИ
ЗНМ и ССНМ со осуда за непримерниот и омаловажувачки однос на Јакимовски кон новинарите. На новинарските прашања упатени до градоначалникот Јакимовски денес пред судот, тој наместо да одговори на новинарските прашања поврзани со судската постапка во која тој и неколкумина се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување како претходен градоначалник на општината Карпош, тој изјави дека имал одлични менаџерски способности и дека прашањата упатени од страна на новинарите кон него биле ,,смешни”.
ПРАВДА
Соработката на државата со судот во Стразбур е од исклучително големо значење, бидејќи добрата соработка ќе значи намалување на бројот на апликации од Северна Македонија во ЕСЧП, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на прес-конференцијата во Скопје на која присуствуваа претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано и програмскиот директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот, Билјана Брајтвејт.
ПАНДЕМИЈА
Не се очекуваше нагол скок на заразените. Но морам да кажам дека во Словенија сѐ уште нема висок број на вакцинирани. Само 53% се вакцинирани со две дози. Самиот вирус станува сѐ повирулентен, полесно се шири и со потешки облици. И со почетокот на зимата дојде до зголемување на бројот на заразени. Се очекуваше овој четврти бран, но не во овој степен, изјави за Утрински брифинг проф. Д-р Игор Балевски, кардиолог во Марибор.
Почнаа преговорите со производителот на лекот „Молнупиравир“, информираа од Министерството за здравство од каде посочија дека навремено ќе информираат во врска со набавката на лекот. Лекот „Молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, посочија од Министерството.
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Пост на Фејсбук шири дезинформации дека се сквернавел споменикот за насилно прогонетите 28.000 деца на возраст од 2 до 14 години од Егејскиот дел на Македонија, кој е поставен на Кејот „13 Ноември“ покрај Вардар во близина на хотелот „Холидеј ин“. Според постот, до споменикот биле поставени контејнери со смет. Нашата проверка покажа дека станува збор за дезинформација.
М. М.