Не престануваат „фрлањата на искри“ помеѓу неизвесните „коалициони партнери“ Алијанса на Албанците, Алтернатива, Беса, Левица и ВМРО-ДПМНЕ, што се обидуваат да формираат парламентарно мнозинство.
Во објава на Фејсбук Шефик Дураку од Алијанса за Албанците, вели дека Димитар Апасиев е кловн.
„Смешно ми е тоа кога велат Апасиев ги ризикува интересите на НАТО. Ниту Русија па ни Кина не може да ги ризикуваат интересите на НАТО, а најмалку еден кловн како Апасиев, не ни ја потценувајте интелигенцијата.“, пишува Шефик Дураку.
Претходно Димитар Апасиев од Левица, ги повика пратениците на Алијансата за Албанците Алтернатива и Беса, да не бидат прегазени како „шлепер жаба“.
„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да ја стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они – максимум 9.“, напиша на Фејсбук Апасиев.
Во врска со овој статусот на лидерот на Левица Димитар Апасиев, пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, вели дека Апасиев се обидува да го камуфлира антиалбанизмот како анти-ДУИ.
Тој вчера изјави дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата.
Во синоќешната емисија „Клик плус“ на ТВ21, каде се разговараше за последните политички случувања, истакна дека во тој случај тој најверојатно ќе го напушти и пратеничкиот мандат.
– Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат, рече Реџепи.
Реџепи-Зејд исто така истакна дека ВМРО-ДПМНЕ „ги добило изборите на нивен грб бидејќи се претставиле како едно поинакво ВМРО“.
Сепак, тој од друга страна вели дека Алтернатива ги изгубиле изборите баш поради оваа коалиција.
Ј. Ѓ.