Општина Струмица доби Шелтер центар за заштита на жртви на семејно насилство. Центарот го изгради здружението на граѓани Скај плус во партнерство со општината и одделението за локален економски развој, но и локални компании кои донираа градежни материјали и опрема за објектот. Центарот е отворен во соработка со здружението Скај плус, општина Струмица но и четириесетина општествено – одговорни компании кои донираа материјали за изградба и опремување на објектот, објави Телма.
Општината го обезбеди просторот и еден милион и двесте илјади денари за работата на центарот. Струмичките компании пак, донираа материјали во вредност од два милиона денари.
Шелтерот е сместен во објект од 200 метри квадратни и располага со осум легла, од кои две за итна интервенција и згрижување во рок од 24 часа. Жените – жртви на семејно насилство и нивните деца кои ќе бидат сместени ќе добиваат повеќе услуги како бесплатна правна, социјална – психолошка помош, но и задоволување на секојдневните потреби во период од 6 месеци.