Телохранителот на Христијан Мицкоски, Влатко Илиевски, кој со еден купопродажен договор, продал пет парцели на ЕВН Електрани во вредност од половина милион евра, истите ги добил како подарок. само две-три недели претходно. Во период од 01 до 09 септември, Илиевски како дар добил пет парцели со вкупна површина од околу 40 илјади метри квадратни.
Како што истакна пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на денешната прес конференција, Илиевски ова земјиште го продал на ЕВН Електрани за сума од половина милион евра.
Првите два договора биле склучени на први септември, кога на име на Илиевски се впишани две парцели. Едната ја добива на подарок од страна на З.К. од Делчево, кој му отстапува парцела во Блатиште со површина од 4.717 метри квадратни.
Уште истиот ден, Илиевски на подарок добива парцела од Ж.Д. од Виница, исто така во Блатиште, на површина од 6.095 метри квадратни.
Шест денови подоцна, Илиeвски повторно прима недвижен имот за подарок. Овојпат подарокот доаѓа од З.М. од Делчево, која отстапува парцела во „Д’лги ливади“ на површина од 4.113 метри квадратни.
После само два дена, на 9-ти септември, телохранителот на Мицкоски станува сопственик на ново земјиште. Подароците се од М.Ф. од Кочани, кој поседувал парцела во „Чукарот“ на површина од 16007 метри квадратни, како и од К.А. од Делчево, кој на Илиевски му препишува парцела во „Длги ливади“ на површина од 7311 метри квадратни. Дарувачите во секој од договорите истакнуваат дека имотот го остапуваат при чиста свест, добра волја и без присила, а Илиевски се обврзува да го плати данокот за пренос на сопственоста, со што станува сопственик на земјиштата.
Илиевски, само две недели подоцна, целиот овој имот го продава за половина милион евра на ЕВН Електрани, токму пред почетокот на кампањата за локалните избори.
Претходно во текот на денот пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска обвини дека неколку лица, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра.
Истите парцели само две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра.
Неодамна, 360 степени објави дека ЕВН Електрани, како фирма ќерка на ЕВН Македонија, имала купено најмалку 7 парцели во околината на Делчево со цел на нив да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија.
Купопродажните договори, пак ЕВН Електрани со овие лица ги склучил на 21.09.2021 година, односно неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори. Во репортажата се објавува дека две од тие парцели биле продадени на ЕВН Електрани по 800 денари за метар квадратен, иако само три недели претходно биле купени за само 15 – 20 денари за метар квадратен.
Д. Е.