Повторно се запали двокатен автобус на ЈСП Скопје, овојпат во скопскта населба Аеродром, поточно на булеварот „Трета македонска бригада“, во близина на бензинската пумпа на „ОКТА“. За среќа нема повредени. Ова е уште еден од случаите кои поради брзата интервениција не завршиле кобно, но покажуваат дека скапо набавените кинески автобуси потребно е да се паркираат засекогаш, бидејќи ја загрозуваат безбедноста на патниците.
Според досегашните бројни несреќи и пожари, се покажа дека не е спорна само нивната набавка за која се води судски процес, туку и нивниот квалитет, скапите делови и пред се безбедноста. Екипи на Министерството за внатрешни работи и овојпат направија записник, а се чекаат нови чекори од Јавен обвинител.
Ова не е прв пат да се запали кинески двокатен автобус. Пред две години се запали автобус на линијата 5 во населбата Ѓорче Петров близу општинската зграда. Исто така во јуни оваа година се запали моторот на двокатен автобус во близина на железничката станица, а помали пожари во ваквите автобуси имаше и претходно.
Набавени се во време кога на пазарот веќе имаше еколошки автобуси, по многу подобра цена и подобри услови, за разлика од двокатните кои возат на нафта и загадуваат. Сега повторно градските власти се обидуваат да го прекинат проектот за БРТ автобуси, кои се едно од најдобрите сообраќајни решенија одобрени од ЕБОР. За сметка на тоа новата градоначалничка, речиси цел месец не комуницира со јавноста, останаа празните ветувања за беспалтен превоз, за нови автобуси, но што е со тековните. Дали треба патниците за загинат одејќи на работа, за да Данела Арсовска презме нешто или пак не е подготвена да ја врши функцијата градоначалник?
Автобусите беа купени за 35 и пол милиони евра, или над 170 илјади евра чинеше секој од нив. Откако им дојде време за поправки, ЈСП се мачеше да набави резервни делови од далечната Кина. Отворените автобуси се користеа за туристичка обиколка или за прослава на спортските успеси. На крај целата набавка од парите на граѓаните заврши со обвинение, за кое првообвинетиот разбра во судница на судење за друг предмет заедно со обвинителката која го гони повторно.
Миле Јанакиески е првообвинет за штета од 4, 7 милиони евра во набавката на двокатните кинески автобуси и непочитувана процедура за набавка. Обвинителството во своето соопштение тврди дека на тендерот за црвените ретро автобуси била отфрлена бугарска поефтина понуда. Во 2010-та година, тричлената комисија за јавна набавка на автобусите во ЈСП се договорила со поранешниот министер за транспорт и врски, стои во соопштението.
Истрагата е всушност продолжение на предметот „Дизајн“ кој го отвори СЈО. Меѓу обвинетите како член на тогашната комисија за набавки е актуелниот пратеник Игор Јанушев. Тој ги негира наводите на обвинителството, а досега не добил никаков обвинителен акт.
Д. Е.