– Оддадовме почит и упативме последен поздрав до загинатите граѓани во автобуската несреќа на 23 ноември во Бугарија, објави премиерот Зоран Заев.
„Со државно-воена церемонија, денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје ги пречекавме нивните посмртни останки и беа предадени на семејствата.
Уште еднаш сакам да изразам сочувство до најблиските и до семејствата на починатите. Нека им е вечна слава.“, напиша Заев.
На скопскиот аеродром по овој повод беше организирана посебна церемонија на која присуствуваа државниот и воениот врв, пратеници, претставници на верските заедници, како и високи делегации од Косово и Албанија.
Припадници на Армијата ги преземаа посмртните останки од авионите и ги пренесоа до погребалните возила со кои потоа, поворката тргна кон вечните почивалишта на загинатите.
Преземањето на останките почна со едноминутно молчење на присутните.
Последна почит на загинатите им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
Венци положија и претседателката на Косово Вјоса Османи, како и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.
Во знак на почит се поклонија и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.