Министерот за внатрешни работи на завршната Министерска конференција во рамки на Салцбуршкиот форум истакна дека Република Северна Македонија е дел од глобалниот одговор за сеопфатно и организирано справување со нелегалната миграција.
„Во моето обраќање на завршната Министерска конференција во рамки на Салцбуршкиот форум, што беше организирана онлајн од страна на Република Унгарија, истакнав дека Република Северна Македонија е дел од глобалниот одговор за сеопфатно и организирано справување со нелегалната миграција.
Сега, повеќе од било кога претходно, имаме потреба од уште покоординирана и сеопфатна соработка на оперативно ниво, со цел одржливо и успешно управување со миграцијата, а во насока на навремена размена на податоци, профилирање на организираните криминални групи и криминални соработници, со цел воспоставување на заеднички истраги за сузбивање на криумчарење мигранти.
Имајќи ја предвид меѓународната димензија на илегалната миграција, ценам дека ниедна држава не може сама да одговори на ваквите глобални безбедносни предизвици, па оттаму, ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на ваквите феномени би подразбирала координирана акција и градење на заедничка безбедносна стратегија, како и интегриран и систематски пристап за справување со предизвиците“, изјави Министерот Спасовски.