Претседателот на Русија, Владимир Путин, при неговата посета на Сирија изјави дека е постигнат голем напредок кон повторно воспоставување на сириската државност и територијалниот интегритет.
Рускиот претседател Владимир Путин рече во разговорот со сирискиот колега Башар ал-Асад во Дамаск дека сега со сигурност може да се каже дека е постигнат голем напредок за повторно воспоставување на сириската државност и територијален интегритет, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесоа медиумите.
Според неговите зборови, Путин подвлекол оти „со голо око“ може да се забележи како мирниот живот се враќа на улиците во Дамаск.
Песков пренесе дека Асад на рускиот колега му изразил благодарност за својата воена помош во борбата против тероризмот и враќањето на мирот во Сирија.
– Асад му упати топли честитки на Путин и на целиот руски народ за Божиќ – рече Песков и додаде дека Путин за време на посетата на Сирија ќе има уште неколку средби.
Наведе дека Асад го дочекал рускиот лидер во штабот на руските сили во Сирија, каде двајцата лидери слушнале и извештаи за развојот на ситуацијата во разни делови на земјата.