Американскиот претседател, во принцип, прифаќа средба со рускиот претседател Путин, доколку не се случи инвазија.
„Како што претседателот во неколку наврати јасно кажа, ние сме посветени да продолжиме со дипломатијата до моментот кога ќе започне инвазијата. Секретарот Блинкен и министерот за надворешни работи Лавров треба да се сретнат подоцна оваа недела во Европа, под услов Русија да не продолжи со воена акција“ – изјави Џен Псаки во неделата, 20 февруари.
Изјавата на Псаки доаѓа по идејата за средба меѓу американскиот и рускиот претседател, која ја предложи францускиот претседател Макрон.
„Претседателот Бајден во принцип прифати средба со претседателот Путин [по средбата Блинкен – Лаавров], повторно, доколку не се случи инвазија“ – изјави Псаки.
Сепак, портпаролката на Белата Куќа не ги изостави и предупредувањата.
„Секогаш сме подготвени за дипломатија. Подготвени сме и да наметнеме брзи и тешки последици доколку Русија наместо тоа избере војна. И во моментов, Русија се чини дека продолжува со подготовките за целосен напад врз Украина“ – предупреди Псаки.
Во текот на минатата ноќ, Си-Ен-Ен објави информации од разузнавачки извори во кои се открива дека руската армија примила команда да продолжи со подготовки за напад врз Украина.