„Би сакала да кажам дека ситуацијата е реално тензична, поради тоа што 150.000 руски војници се распоредени на украинско-руската граница и на украинско-белоруската граница, а најтензична е ситуацијата на линијата на разграничување“ – изјави амбасадорката на Украина на прашањето од новинарот на ТВ Сител за тоа што точно се случува во моментов во Украина и дали е безбедно да се живее и биде во Украина.
„Руската окупаторска војска, руските војници, значително го зголемија прекршувањето на режимот на огнот со употреба на оружје кое е забрането. Руските војници ја гранатираат социјалната инфраструктура, училиштата, градинките и прават обиди со помош на руската пропаганда со дезинформации за тоа да ги обвинат вооружените сили на Украина“ – изјави Задорожњук.
„Во јануари загинаа 9 украински војници, а во февруари веќе досега загинаа четворица наши војници. Загина наш војник кој имаше три мали деца. И сега ситуацијата е таква што ние многу стравуваме од провокациите по нарачка на Кремљ. Руските војници се обидуваат да направат провокација и да нѐ обвинат нас, па тоа да биде причина за руската инвазија“ – истакна амбасадорката во Тема на денот на ТВ Сител.
М. М.