Американскиот претседател Џо Бајден доцна вечерва (21 февруари) потпиша Извршна наредба за санкции насочени против „одредени лица“ од самопрогласените „народни републики“ Доњецк и Луганск. Извршната наредба на американскиот претседател се однесува на блокирање на имотот и забрана на одредени трансакции во однос на континуираните руски напори за поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Во образложението на Извршната наредба се вели дека признавањето на т.н. Доњецка Народна Република (ДНР) и Луганска Народна Република (ЛНР) региони на Украина од страна на Руската Федерација е во спротивност со обврските на Русија преземени со договорите од Минск. Со ова, Русија дополнително ги загрозува мирот, стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и со тоа претставува невообичаена и извонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Држави.
Во оваа фаза, санкциите се однесуваат само на лица од областите Доњецк и Луганск, но прашање на време е кога тие мерки ќе се продлабочат и ќе ја опфатат и Русија.
Ова е повеќе симболичен акт со кој САД манифестираат дека се во состојба брзо да донесуваат одлуки со кои ќе го казнат однесувањето на Путин кој со денешните постапки и решенија го прегази меѓународното право и започна воена инвазија.