Пласман во вториот круг и место во Олимписките квалификации се нашите цели на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка. За исполнување на високите цели, раководството на Ракометната федерација на Македонија одреди високи премии и за ракометарите.
Репрезентативците ќе поделат 30.000 евра доколку се пласираат во втората рунда од Европскиот шампионат. Претседателот Мукаетов со дополнителни 10.000 евра ги мотивира ракометарите ако го освојат првото место во групата Б. Лазаров и другарите ќе поделат уште 30.000 евра ако репрезентацијата обезбеди учество на Олимписките квалификации.
Вечерва против Украина ги отвораме настапите на нашето шесто Европско првенство, петто во овој милениум. Низ историјата првите натпревари секогаш ни претставувале проблем, но надежта е дека овој пат ќе се справиме со ривалот, како пред две години во Хрватска.
Во рамките од квалификациите за ЕП 2018 година, Македонија имаше две средби со Украина. На првиот натпревар запиша убедлива победа до шест гола разлика (27-21), додека на „реваншот“ во Украина одигравме без победник (27-27)./Gol.mk