Првите странски борци доброволци пристигнаа во Украина за да помогнат во одбраната на земјата од руската инвазија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Украина ги поздравува странските доброволци. Првите 16.000 веќе се на пат да ги заштитат слободата и животот за нас и за сите“, рече тој во видео-обраќањето објавено на Фејсбук.
Украинската влада ги повика луѓето од целиот свет да се приклучат во борбата против Русија.
Зеленски не прецизираше од каде потекнуваат борците.
Тој, им се заблагодари на сојузниците за испраќањето оружје во Украина, велејќи дека таа добива нова „муниција секој ден од нашите партнери, од вистински пријатели. Секој ден имаме сè помоќно оружје“.
Зеленски објави план за обнова на земјата по војната, велејќи дека е формирана програма за помош на Украинците кои останале без работа и вети дека ќе бидат исплатени сите пензии.
„Украинците во сите региони опфатени од војна добиваат се што е потребно. Координативните штабови работат целосно, вистински хуманитарни пратки се на пат“, рече Зеленски.
Ј. Ѓ.







