пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Мислам дека треба сериозно да се размисли за примена на членот 407-а од Кривичниот законик: “Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“, во врска со средбата на лидерот и членови на политичката партија Левица со актуелниот амбасадор на Руската Федерација во Северна Македонија.
Според соопштението на Левица (дадено на нивната интернет страна):
На оваа втора официјална средба беше разговарано за актуелните домашни и меѓународни теми, со посебен осврт на специјалната воена операција во Украина и последиците од истата по меѓународниот поредок. Акцент се стави на процесот на денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија.
Оваа средба претставува врв на континуираното негирање на воената агресија на Руската Федерација предводена од Путин врз Украина и континуирана поддршка која што партијата Левица ја дава на Руската Федерација во врска со оваа агресија.
Претставниците на партијата Левица се обидуваат ова да го подведат под слободата на мислење и правото на различно мислење, меѓутоа, во случајот станува збор за злоупотреба на ова право и надминување на неговите граници кои се поставени токму во однос на одбраната на човековите права и слободи.
Имено, воената агресија на Руската Федерација предводена од Путин врз Украина е веќе идентификувана од најголем број држави во светот како акт со кој во големи размери се повредуваат човековите права. Оваа осуда е операционализирана во хуманитарна и воена поддршка на Украина, во Резолуција на Генералното Собрание на ООН, во прво суспензија на членството на Руската Федерација во Советот на Европа (во кој членува Македонија), а сега веќе и исклучена од членство и во започната процедура пред Меѓународниот кривичен суд (чиј основен акт – Римскиот статут, го има ратификувано Македонија) .
Со ова се потврдува дека политичката партија Левица со злоупотреба на слободата на изразување
… по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува делата од членот 403 до 407
Кривичните дела против човечноста и меѓународното право содржани во Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Актот е уште потежок со оглед на тоа дека станува збор за претставници на политичка партија која е дел од законодавната власт, која е вклучена во процесите на одлучување и во процесите на градење на политиката на државата.
Тежината се мултиплицира ако се има предвид дека лидер на партијата е професор на Правен факултет кој има посебно влијание со својот статус и формален авторитетот кој го има врз основа на својата професија.
И посебна тежина на овој акт дава фактот дека на овој начин се поттикнуваат, поддржуваат и промовираат сите лажни вести кои машинеријата на Руската Федерација предводена од Путин ги продуцира во врска со воената агресија врз Украина.
Тоа што средбата е одржана во просториите на Собранието не обезбедува имунитет на пратениците на оваа партија, со оглед на тоа дека имунитетот кој го уживаат пратениците врз основа на член 64 од Уставот на Република Северна Македонија, се однесува на искажано мислење или гласање во Собранието на Македонија не како простор туку како институција/тело (што значи во неговата работа).
Уште повеќе, пратениците можат да бидат и притворени, во случајов и без одобрување на Собранието, бидејќи се фатени во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од 5 години (согласно истиот член од Уставот).
Во време кога светот се соочува со агресија која може да доведе до светска војна, која е осудена од државите кои се дел од меѓународните структури во кои членува Република Северна Македонија и врз основа на меѓународните документи кои ги ратификувала, и во момент кога Путин е веќе перципиран како воен злосторник заради тоа што намерно таргетира цивилни цели, ваков вид настап мора да биде осуден не само морално туку и согласно националното законодавство.